Допрете ја бесконечноста, сѐ-присутноста!

Јогиската практика ја проширува свесноста и ве води кон состојба на внатрешен мир, што е извор на знаење и витална енергија. Ви помогнува да внесете хармонија во својот живот, наоѓајќи рамнотежа меѓу активностите и одморот, меѓу стресот и релаксацијата, меѓу надвор и внатре.

Ќе научите техники и методи што ќе ви помогнат да се справите со навиките и сфаќањата што ве спречуваат да се изразите себеси, својата креативност и интуиција. Ќе откриете нови можности. Ќе ја зголемите својата енергија и концентрацијата и ќе си го подобрите здравјето.

Јогата ја практикуваме за да се разбереме себеси и светот што го создаваме. Континуираниот напор во тој правец во јога се нарекува „садана“ што значи „тоа што нѐ води кон целта“. Трагаме по одговорите на прашањата: Зошто ова мене ми се случува? Која е смислата на моето постоење? Како можам да бидам среќна/среќен? Што е љубовта? Што се случува по смртта?

Природно низ животот созреваме и стануваме помудри, а јогата е систем што го насочува и помогнува личниот развој и наоѓањето на одговорите на прашањата што си ги поставуваме.

Преку курсевите и семинарите се изучува:

  • Хата јога и Раџа јога – преку практиката на телесните положби (асаните), техниките на дишење (пранајама), техниките за насочување на енергијата (банди и мудри), релаксацијата и концентрацијата да се достигне состојба на медитација.
  • Карма јога – јога на акцијата, дејствувањето; законот на акција и реакција
  • Бакти јога – патот на девоцијата, безусловната љубов
  • Џнана јога – патот на знаењето што нѐ води кон спознавање на вистинската природа на нештата

Започнуваме со изучување на Хата јогата, на што се надоврзува Раџа јога, техниките на концентрација и медитација.