Јога Техники

Раџа Јога

Раџа јога – Пат на осум степени – автор на книгата во која е собрано древното знаење за јогата е мудрецот Патанџали.

  1. Јама – пет правила што треба да се почитуваат: (1) ненасилство (ахимса), (2) вистинитост (сатја), (3) не крадење (астеја), (4) посветеност на знаењето (брамачарија) и (5) ослободеност од алчност (апариграха)
  2. Нијама – пет правила што ја помагаат практиката: чистота (saucha), задоволство (santosha), практика (tapas), проучување на древните списи (svadhyaya), посветеност (Isvara Pranidhana)
  3. Асана – стабилна и удобна медитативна положба
  4. Пранајама – контрола на енергијата преку длабоко и свесно дишење
  5. Пратијахара – контрола на петте сетила и на умот којшто е поврзан со сетилата
  6. Dharana (дарана) – концентрација (способност да се насочи и задржи вниманието на една содржина непрекинато за подолго време)
  7. Dhyana (дијана) – медитација (способност да се навлезе и разбере суштината на нештата
  8. Samadhi (самади) – спознавање на вистината

Хата Јога

Хата јогата може да се смета за сеопфатен термин за опишување на многу од најчестите облици на јога што се учат на Запад денес. Со овој тип на јога, го движите вашето тело полека и намерно во различни пози кои ја предизвикуваат вашата сила и флексибилност, а во исто време се фокусирате на релаксација и внимание. Хата јогата се состои од неколку техники:

  1. Шаткарма – техники за прочистување
  2. Асани – телесни положби
  3. Пранајама – техники на дишење
  4. Банди и мудри – техники за контрола на енергија
  5. Техники на релаксација
  6. Техники на концентрација

Техники на Хата јога

Шаткарма – техники за прочистување

Постојат шест процеси, односно техники на прочистување за одржување на телесната и на менталната хигиена. Еве два од нив што можете сами дома да ги изведете: 

Чистење на јазикот: може да се практикува секој ден наутро и навечер (по миењето на забите) за одржување на хигиената на устата. Со специјална алатка за чистење на јазикот (или со метална лажичка) гребете го нежно јазикот без притискање, повлекувајќи од коренот кон врвот за да ги отстранете белите наслаги. По секое повлекување по јазикот, измијте ја лажичката. По завршувањето, со два навлажнети прста, масирајте го јазикот.

Џала нети – чистење на носот со вода: ефикасна техника што помага да се ослободите од чести настинки, проблеми со синусите и алергиите на дишните патишта. Техниката се изведува со посебен сад – лота. 

Асани – телесни положби

Според јогиската митологија, постојат толку асани, колку што постојат живи суштества во светот. Денес се практикуваат околу 35 различни положби со кои телото станува вито, силно и еластично. Се зголемува виталноста, се чувствувате и изгледате убаво.

Помагаат во ослободување на болките од `рбетот и зглобовите.

Кај децата, асаните го поттикнуваат правилниот телесен развој и помагаат во случај на сколиоза.

Според старите јогиски техники, асаните се вежба, и за телото, и за умот. Покрај телесните придобивки, се продлабочуваат концентрацијата и свесноста, се смирува умот и се активира животната енергија. Внатрешен мир, леснотија и ентузијазам се чувствува по практикувањето на асаните.

Пранајама – техники на дишење

Со применување на техниките на дишење се добиваат следните придобивки:

  • зголемување на капацитетот на белите дробови
  • Се активира и канализира енергијата
  • Се смирува умот
  • Се ослободуваат стресот и тензијата
  • Помагаат во терапијата на астма и други белодробни заболувања
  • Помагаат да се ослободите од чести настинки

Научете ги и практикувајте ги под водство на искусен учител.

Банди и мудри – техники за насочување на енергијата

Ја активираат и канализираат енергијата.

Научете ги и практикувајте ги под водство на искусен учител.

Техники на релаксација

Никој не може од својот живот да ги отстрани ситуациите што мѕ предизвикуваат стрес. Но може да научите како успешно да се носите со таквите ситуации без бескрајно да се трошите себеси. А кога сте релаксирани и спокојни, тогаш носите исправни одлуки.

Има кратки (5 – 10 мин.) и долги (30 минути и подолго) техники на релаксација. Со редовно практикување се стекнувате со способност за кратко време да се смирите и релаксирате и во кризни животни ситуации.

  • Учите да се ослободувате од тензијата насобрана во текот на денот, така што таа нема да се акумулира и да ве води кон истоштеност, несоница, срцеви и гастроинтестинални проблеми и сл.
  • Ослободување од болки – во вратот, рамената, `рбетот, главоболки, што се резултат на насобрана напнатост.
  • Ви се враќа внатрешниот мир и спокојното дишење и имате повеќе енергија. Кога сте спокојни, донесувате поквалитетни одлуки и сте покреативни.
  • Поквалитетно спиење
Концентрација и медитација

Медитацијата е откритие на древните мудреци од Истокот, суптилен процес на интроспекција којшто ве води кон нови спознавања вон границите на вообичаената секојдневна свесност.

Медитацијата ве поврзува со сѐ-постоечката енергија, со универзалната мудрост и љубов.

Техниките на концентрација и медитација го водат вашиот ум од состојба на страв и вознемиреност кон внатрешен мир и самодоверба.

Медитацијата се случува кога ќе се постигне одреден стапен на концентрација и практикантот станува свесен дека може да го одржи вниманието непрекинато и за долго време на еден процес, на пример, на дишењето, повторувањето на мантри или контемплација на одредена тема. На почеток тоа е тешко зашто сетилата и мислите постојано ја прекинуваат концентрацијата. При тоа, практикантот треба постојано и нежно повторно да го враќа вниманието на предметот на концентрација.

Постојат разни техники на медитација, но медитација како процес е состојба на свесност па може да се каже дека е начин на живеење.

Со редовно практикување на техниките на концентрација и медитација се постигнува состојба на смирен и сосредоточен ум, длабоко и спокојно дишење и внатрешен мир. Тоа го поттикнува процесот на себе исцелување и води кон телесна, ментална, емоционална и духовна благосостојба.

Станувате свесни за своите квалитети и способност и ги развивате, но исто така и за своите слабости коишто може да ги надминувате. Со тоа ја отворате вратата на љубовта и знаењето.