Нашите Учители

Здраво! Јас сум Лидија

Од мала, сакав да сфатам зошто живееме? Која е смислата на нашето постоење? Има ли некоја цел?

Тоа што самата го истражував, ме донесе на првиот час по јога на 3 март 1981 година во Јога друштвото – Скопје и оттогаш, скоро, 40 години јогата е мој начин на живеење. Повеќе од 35 години од тој период, тоа што го спознавам го пренесувам и на другите преку курсеви, предавања, семинари, индивидуални часови и консултации, часови по медитација, работилници, гостувања на радио и на телевизија.

Работата со луѓето, мене лично ме збогатува, но и ми била поддршка во периодите на лични кризи и падови. Благодарна сум за можноста што ја имам, знаењето да го пренесувам на другите. Нивните искуства и постигнувања ми се инспирација за нови начини на споделување на наученото.

Сум работела со повеќе илјади практиканти од сите возрасти, со бремени жени и со луѓе со здравствени проблеми, најповеќе во Скопје, но и во други градови низ Македонија.

Во изминатите 20 години водам часови по јога на Хрватското приморје како дел од годишниот одмор на луѓе од Хрватска, Италија, Германија, Норвешка и други земји.

Обуки

  • 1981 – 2007: активна работа во организацијата, наставата и обуката на наставен кадар во Јога друштвото – Скопје и Јога сојузот на Македонија.
  • 1982 – Зен семинар со Филип Капло во Белград
  • 1982 – Јога семинар под водство на свами Махешварананда во Скопје
  • 1983 – Јога семинари со свами Јогамудрананда од Бихарската школа во Скопје и во Белград
  • 2001 – студиски престој во Индија и учество на „Маха кумба мела“
  • 2001 во Атина и 2003 во Скопје – Семинари за пренатална јога со Фредерик Лебоаје, гинеколог од Франција, автор на книгата „Раѓање без насилство“
  • 2003 – помина една седмица во изолација во склоп на Зен семинарот во „Наикан центарот“ во Виена
  • 2012 – 2017 – семинари за Хо`опопоно со Мабел Кац во Загреб
  • 2012 – 2016 – обука за системски терапевт за Семејни констелации кај Владо Илиќ (Загреб и Белград)
  • 2015 – 2016 – семинари за семејни констелации со Матеј Шкуфца од Словенија (Загреб)

Активности

  • 1996 година го основа и го води Јога центарот – Тафталиџе, Скопје. Редовно работат почетни, средни и напредни групи, а по потреба се водат и часови на англиски јазик за странци.
  • Обука на инструктори по јога
  • 2007 – 2019 – води годишен семинар за филозофијата на јогата
  • Десеттина година наназад води часови по јога за вработените во Американската амбасада во Скопје и
  • Од 2016 година води работилници за Семејни констелации.

"Поради природата на мојата работа и неправилното држење на телото имав болки во половината и вртоглавици поради искривување на вратот. Само со еден месец јога вежби, болките се намалија, а вртоглавиците скоро исчезнаа. Се чувствувам многу подобро. Од друга страна, медитациите и техниките на дишење ми помогнаа да ја одржувам концентрацијата во текот на целиот ден и успешно да ги завршувам сите обврски."

Цвета Брезовска

“Јога часовите ми ја вратија слободата, ми ги прочистија мислите и ми дадоа сила и упорност да се изборам во најтешките времиња„

Ана Илиевска

"Благодарна сум што имав можност да практикувам јога веќе 30-ина години наназад. Имавме среќа ова учење да дојде и во Македонија и на голем дел од нас да ни го подобри квалитетот на животот. Продлабочувајќи ја поврзаноста меѓу нашиот ум и тело, јогата подлабоко нѐ поврзува и со светот во кој се наоѓаме, и со изворот од каде што доаѓаме."

Галина Димитрова

"Задоволство, енергија на телото, ми ја развива самосвеста и, најважното внатрешен мир и спокојство."

Сандра Лазаревска

Здраво! Јас сум Кети

Јас сум лиценциран психолог во здравство и психотерапија.  Од 1981 година се обучувам во јога, а од 1992 година се обучувам во гешталт психотерапија и ја применувам во пракса. Јога почнав да работим во Јога сојузот на Македонија, водев курсеви и учествувавво спроведување на голем број научни истражувања за јога во превенција и рехабилитација на кардиоваскуларни заболувања, ревматски заболувања, кај пациенти со хронична бубрежна инсуфициенција, психологија на трудот, детска и развојна психологија, спортска медицина и др. Од самиот почеток на основањето во 1981 година, бев член на редакцијата на првото списание за „Јога” во издание на Јога Друштво – Скопје.

Од 1996 година работам на истражувања и програми од областа на здравствена едукација, превенција и здравствена политика во Република Македонија.

Коавтор сум на десетина публикации на македонски/албански/англиски јазик,  објавени во РМ во периодот 2002-2009 година.

Исто така сум и член на Гешталт Институт Скопје, МПА – Македонска Психотерапевтска Асоцијација и Комората на психолози на Р. Македонија.

Во мојата долгогодишна работа се обидувам да го збогатам моето знаење и искуство во однос на она што значи когнитивно/бихејвиорален пристап во психотераписката пракса и постигнување на општа медитативна и спиритуална благосостојба со практикувањето на јога. Верувам дека соединувањето на двете пракси  овозможува  постигнување на физичко, ментално, емотивно и спиритуално урамнотежување и обединување, кое имав можност и лично да го искусам.