Како да го пронајдеме нашиот јога ритам?

Фев 9, 2023

Кога јога праксата станува дел од нашиот живот, тогаш е многу важно да станеме свесни за сопствениот личен животен ритам. Она што сакаме да го постигнеме со јогата е поголема внатрешна рамнотежа што ни помага да бидеме љубезни со себе, со другите и со светот околу нас.

 

Кога самите ќе откриеме кога е најдобро да практикуваме јога за да имаме придобивки и на физичко и на емоционално ниво – тогаш си даваме најмногу шанси да бидеме најсреќната и најизбалансирана верзија од себе.

 

КАКО ЌЕ ЗНАМ ШТО Е „ПРАВИЛНО“ ЗА МЕНЕ?

 

Експериментирајте. Многу ќе ви помогне ако одвоите неколку минути пред вежбањето јога, за да забележите како се чувствувате. Дајте си себеси време тоа да се покаже.

 

На ист начин како што вашето сетило за вкус ви кажува да уживате во нешто што можеби не е добро за вашиот стомак, она што го посакува вашиот ум можеби не е она што вашето тело го бара или му треба.

 

Јогата ни помага да ја подобриме нашата свесност за себе. Колку повеќе вежбаме, толку полесно станува вежбањето. Додека ги правите вежбите, прашувајте се – Како се чувствувам? Слушајте го сопственото тело. Дајте му шанса на вашето тело да разговара со вас. Ако се чувствувате уморни, на пример, почнете од таму и работете со вашиот умор, наместо да се борите против него.

 

ОД ГОЛЕМА КОРИСТ Е ДА СИ ГИ ПОСТАВУВАТЕ ПРАШАЊАТА: Зошто го правам ова? Што сакам да ми донесе мојата јога практика денес?

 

Ако сте научиле дека треба да правите појаки вежби наутро, а смирувачки вежби на крајот од денот, редно е да се запрашате дали ваквиот редослед ви користи вам. Ако ви претстои напорен ден, можеби е подобро наутро да направите вежби за смирување и релаксација. Ако сте имале тежок ден, на крајот на денот можеби ви треба повеќе истегнување.

 

Запомнете да не земате ништо здраво за готово, најдете го тоа што е корисно за вас, согледајте ги сопствените потреби.

 

ШТО АКО МОЈОТ ДНЕВЕН РАСПОРЕД НЕ Е ФЛЕКСИБИЛЕН?

 

Најчесто се жалиме дека е тешко да одвоиме време во текот на денот за вежбање, особено во домашни услови. Тука можете да си помогнете со прашањето: Што е тоа што денес ми треба? Одберете неколку вежби и искористите го времето што ви е на располагање. Тоа ќе ви помогне да се подготвите за дневните активности и да си ја задржите сопствената енергија. Така ќе развиете сопствена јога практика која ќе ви биде корисна и применлива во годините што доаѓаат.

 

Започни го твоето јога патување денес!