Новогодишна медитација

Дек 14, 2022

Новогодишна медитација: 25 декември 2022

Новогодишна медитација: Љубов, мир и радост
Ја води Лидија Георгиева

Музички настап: Јулија Нелковска, виолина

Новогодишна мисла за размисла: „На крајот, само три работи се важни: колку сте сакале, колку сте биле љубезни и колку грациозно сте ги отфрлиле работите што не се наменети за вас.“ Буда

25 декември 2022, недела, 19 ч.

Дали сте подготвени за внатрешни менувања во новата година?

До позитивно растење преку разбирањето на самскара, санкалпа и тапас.

Доаѓа времето кога гледаме напред во годината што е пред нас и посакуваме да е подобра од онаа што ја оставаме зад нас. Дали сме подготвени да напуштиме некои лоши навики, да создадеме нови позитивни навики, или да си поставиме нови цели во претстојната година? Пред да решиме да ги промениме лошите навики што нѐ мачат, можеби треба малку подобро да ги разбереме.

Во јогиската филозофија, нашите навики се нарекуваат самскари. Тие се ментални и емоционални, односно енергетски записи. Секој пат кога се појавува одредено чувство или мисла, се запишува како суптилен отпечаток во нашата меморија. Колку е поинтензивно внесувањето на тие записи или колку почесто записот  се повторува, толку станува посилен. На крајот овие записи стануваат дел од тоа што сме и влијаат на нашето однесување. Се претпоставува дека можеби сме родени со кармичко наследство на обрасци низ кои што кружиме одново и одново.

Самскарата може да се манифестира како позитивна навика, како што се здравите навики на исхрана или позитивен однос кон животот. Тие исто така можат да бидат негативни, како што се менталните обрасци кои влијаат на ниската самодоверба или деструктивните односи. Негативните самскари се она што го блокира нашиот позитивен раст.

Она што треба да го направиме во пресрет на Новата година е да идентификуваме што сакаме да промениме или што сакаме да направиме, и така да ја донесеме нашата „новогодишна одлука“ – санкалпа.                 Но, најчесто решителноста да ги оствариме новите цели брзо исчезнува па во јануари или февруари повторно се враќаме на старите навики и забораваме на нашата посветеност кон новото. Менувањето на самскарите не е лесен процес. Бара многу силна волја, искрена намера и посветеност, но и дисциплина и истрајност што ќе ја поддржи нашата намера.

Процесот на донесување на одлука, санкалпа, е посебен начин на комуникација со најдлабокиот, најмудриот дел од себе за она што навистина го сакаме. Откако ќе си поставиме цел, не смееме да бидеме нетрпеливи. Значајната промена не се случува преку ноќ. Затоа е важно да поставиме насоки кои ќе ни помогнат да останеме посветени на нашата цел во текот на годината што следи.

Последната состојка во нашиот рецепт за промена е тапасот (огнена дисциплина). Тапас е дисциплинирана практика на спроведување на вашиот план за промена. Токму посветената практика всушност ја предизвикува промената. Зборот „тапас“ потекнува од санскритскиот збор „tap“ што значи „загревање“. Намерната промена во однесувањето создава топлина од триењето на новиот со стариот модел.

Промената обично е прилично непријатна. Кога свесно менуваме навика, се појавува непријатност и создава емоционална или физичка топлина. Топлината што се создава ги согорува нечистотиите на нашите негативни самскари. Ако сфатиме дека непријатноста што ја создава посветената дисциплина на крајот е добра за нас, поголема е веројатноста да останеме посветени на нашата практика.

Накратко, тапасот (огнена дисциплина) ги менува и постепено ги согорува нашите долгогодишни самскари (шеми на однесување) и го расчистува патот нашата санкалпа (посветената намера) да се појави како значаен духовен и психолошки раст.

Па, наместо да останете во истата вибрација, донесете одлука во Новата година  да се посветите на вашиот личен развој.

Во Јога центарот и преку Скајп – за да се приклучите побарајте:
Yoga Centre Lidija Georgieva

Започни го твоето јога патување денес!